Front-End програмирање: совршениот баланс помеѓу дизајн, естетика и код - Code Academy
Front-End програмирање: совршениот баланс помеѓу дизајн, естетика и код

Запознај го Виктор Дојчиновски, твојот Front-End ментор! 


Преку ова интервју, те доближуваме до менторот (неговото 14-годишно искуство и мислење за иднината на ИТ светот) како и Front-End Академијата и проектите кои студентите ќе ги изработат во текот на истата.



Нешто повеќе за тебе, што и каде работиш?


Во моментов сум вработен во интернационалната компанија Symphony Solutions, која што, освен во нашата земја, има центри за испорака (delivery centers) и во Лвив, Украина, како и Краков и Жежов, Полска.


Описот на моето работно место е Web Developer, а поконкретно технологиите со кои што најмногу работам се пред сѐ JavaScript, па потоа PHP. Имајќи предвид дека во поголемиот дел од проектите на кои што сум работел и работам во моментов, сум бил назначен како Front-End програмер, би можел да кажам дека можеби повеќе малку сум наклонет, барем во моментов, кон Front-End технологиите.


Зошто да се избере токму Front-End Академијата?


Што се однесува до прашањето зошто Front-End, а не Back-End тоа се сепак, технологии кои што имаат иста основа, а тоа е модерното програмирање во некои од high-level програмските јазици, јазици кои што прогресираат најмногу во поново време. 


Уште повеќе не значи дека ако започнете со Back-End, дека нема да завршите како Front-End програмер или обратно. Побарувачката и атрактивноста во секој случај не е помала ниту во едната ниту во другата област.


Сепак, доколку имате нешто повеќе афинитет кон дизајнот, кон естетиката, кон прилагодување на сервисот кон крајниот корисник и слично, што е дел од профилот на еден Front-End програмер, можеби подобар избор е Front-End-от. 


Од друга страна, доколку имате афинитет кон креирање на бизнис логики, креирање на системски решенија за еден бизнис и слично тогаш можеби подобро е да изберете некоја Back-End технологија.



Што ќе се изучува во текот на Академијата?


Академијата, ќе започне со изучување на скелетот на секоја web апликација, а тоа се HTML и CSS технологиите, а клучен дел од Академијата ќе посветиме на изучување на JavaScript програмскиот јазик. Студентите ќе се запознаат најпрво со основите на еден програмски јазик, а потоа ќе се продолжи со техниките поврзани конкретно со програмирање во JavaScript.


Потоа, знаењето стекнато во JavaScript ќе го прошириме и во најпопуларната JavaScript библиотека во моментов, React.js


Откако, ќе навлеземе доволно во овие најпопуларни технологии, ќе продолжиме со работа на конкретни проекти и најчести барања кои доаѓаат од реалните клиенти, како на пример, изработка на модерни форми, модерни администраторски dashboard-и, со примена на модерни алатки за структуирање на една web апликација, како што е Redux библиотеката.


Каков тип на проекти ќе изработуваат студентите?


Во текот на Академијата, како што кажавме и погоре, главниот проект на кој што ќе работиме е изработка на администраторски dashboard, кој што е неизбежен дел при изработка на Front-End апликација. 


Што се однесува до друг тип на апликации, границата е само во нашата имагинација. Така што кон крајот на Академијата, ќе се обидеме да изработиме нешто интересно преку кое што би научиле многу сите ние.



Сподели ни повеќе за твоето искуство како програмер?


Моето искуство како програмер, започнува некаде по завршувањето на студиите во 2006 година.


Најпрво, секако започнав со самостојно барање и истражување, со цел да ги пронајдам оние технологии кои што секако најлесно ќе ги прифатам и со кои ќе ми биде задоволство да работам. Овој процес не е лесен, и некогаш е потребно време да се пронајде она вистинското, сè со цел да може да се спои задоволството со работата. 


Во тие години најпопуларни беа алатките кои ги нудеше Adobe платформата, па така и јас започнав со изучување на Adobe Flash, Adobe Dreamweaver и Adobe Photoshop. Оној што работел во тоа време со овие алатки, сигурно знае дека тоа беа пред сѐ, алатки со кои што нема да станете програмер, во вистинска смисла на зборот, туку ќе имате само уште една алатка во вашиот “tool-belt”. 


Оттука, имајќи ‘оган’ во мене за изучување на програмирањето, полека ги напуштив овие алатки. Сепак, морам да кажам дека програмскиот јазик ActionScript 3.0, ми ја даде основата во изучување на програмскиот јазик JavaScript.


Потоа, следеше период од околу 3-4 години, во кои работев како freelance web developer. Во овој период, работев на проекти, во кои што користев истовремено и PHP и JavaScript. Тоа се години кога започнува да се појавуваат web апликациите, иако во рудиментирана форма од онаа што ја знаеме денес. 


Тоа претставува значаен milestone во web development-от, бидејќи тогаш се развива свеста за потреба од Front-End библиотеки (libraries) и програмски рамки (frameworks). Па така, тогаш се појавува Backbone.js како прв Front-End framework, па би кажал нескромно дека сум еден од ретките во Македонија, што изработиле web апликација со оваа технологија. 


Во тој период исто така се појавуваат и доста алатки и библиотеки кои што ја олеснуваа комуникацијата на Back-End со Front-End делот, меѓу кои е на пример Slim, PHP библиотека за поставување на REST API. 


Од крајот на 2014-тата година започнав и професионално да се занимавам со web development. Најпрво започнав како Full-Stack програмер во Re4m Solutions Centar во Скопје, каде што го проширив значително хоризонтот на моето перцепирање на тоа што се web технологиите, и на кој сѐ начин може да се искористат, работејќи многу често на апликации поврзани со Facebook Graph API сервисот, на хибридни апликации изработени во алатки како Ionic и сервиси и сајтови изработени со WordPress и Laravel.


Следното мое работно искуство е во моменталната компанија Symphony Solutions, каде што целосно сум насочен кон работа на модерните технологии, како React.js и Angular 2+ и секако новите стандарди кои што се воведуваат во светот на JavaScript, секако најзначајни оние издадени како ES6.



Како одлучи да започнеш кариера во ИТ?


Повторно ќе кажам, пронаоѓањето на она што ве исполнува не е лесно, и секако не е пат кој што ги има истите препреки и истата форма за секого.

Меѓутоа, за да тргнете по одреден пат, потребно е да сакате да истражувате работи кои не ги знаете, а имате желба да дознате како функционираат. 


Така и јас најпрво почнав да се прашувам како функционира ова, како функционира она...


Факт е дека кога ќе откриеш една работа, се отвораат уште најмалку 10 нови работи за кои што воопшто не си знаел ниту дека постојат. Тој процес е постојан, затоа и програмирањето е толку атрактивна професија.



Кои беа најголемите предизвици со кои се имаш соочено како програмер?


Најголемите предизвици секогаш се на почетокот на секој пат. 


Тоа е како еден автомобил, кој што се обидувате да го придвижите. Отпорот, а со тоа и инертноста е најголема на почетокот, потоа работите почнуваат да се движат и сѐ е полесно. 


Меѓутоа, тоа не значи дека нема да имате нови почетоци во текот на кариерата. Учење на нова библиотека, нова технологија е исто така нов почеток и тогаш се појавуваат најголемите предизвици.



Кои се најголемите придобивки од работење во ИТ индустријата?


Секоја работа која што ве втурнува надвор од вашата зона на комфор, ви носи само придобивки, иако некогаш и многу солзи и многу непроспиени ноќи. 


ИТ индустријата е толку динамична, што доколку сакате да опстоите мора да излезете од вашата зона на комфор. Така, паралелно додека учите да програмирате, учите и за животот,  учите како да комуницирате, како да се справувате со времето, итн.



Какво е твоето мислење, во однос на побарувачката на ИТ кадри, дали има промени?


Побарувачката на ИТ кадри е голема, и тоа не е изненадувачки. Мене ме изненади тоа што дури и во време на пандемија, оваа гранка апсолутно не доживеа никаков пад, гледано од страна на еден програмер, туку напротив го зголеми интересот по вакви кадри. 


Сепак логиката е едноставна. Во време на интензивни промени, најизразена е инвентивноста по нови начини на работа, на комуникација, на дигитализација. Со сето тоа и појавата на нови start-up компании, коишто имаат се поголема потреба од web developer-и.



Какви се можностите за работа и приходи на еден програмер?


Платата на еден web програмер, секако на почетокот не е предизвикувачка, но сѐ се менува, кога ќе достигнете одредено ниво на професионалност. 


Не е ништо ново кога ќе се каже дека човекот е најскапиот ресурс. Штом ќе и покажете на околината дека сте вие тој важен ресурс, многу работи доаѓаат на свое место. 


Само треба да се има предвид, најдобар програмер не е оној кој што најдобро знае да програмира, туку оној кој што најдобро знае да ги спои комуникацијата, програмирањето и солидарноста во една целина.


Во однос на можности, секако треба да се истакне дека оваа професија овозможува повеќе опции кога се работи за каде, колку и кога сакаш да работиш.



Thank you, Viktor. Welcome to the Code Academy family!