Кажи ни нешто за себе Филип...
Имам 33 години и ја завршив Full-Stack .NET Академијата. Дипломирав на Машински Факултет на смер индустриски дизајн и за скоро време ќе станам и магистар. Покрај тоа што мислењето на луѓето за студиите на Машински Факултет е дека се тешки и можеби досадни, индустрискиот дизајн е во таа некоја креативна сфера.
Што те инспирираше да започнеш со програмирање?
Веќе стигнав до степен каде што не напредував. Моето претходно работно место не беше тоа што го сакав и долго време без плата, па тоа ми даде мотив да се запишам на Академија и да почнам нешто ново. Коцките почнаа да се вклопуваат и си реков “до 35 години ќе станам програмер, па што сака нека биде.“
Што најмногу те изненади кога почна да учиш програмирање?
Ми изгледаше полесно отколку што мислев дека ќе биде. Кога ќе почнеш да кодираш разбираш дека не е сѐ така како што изгледа, но со повеќе време, учење и искуство разбираш како сето тоа функционира и што треба да се прави понатаму.
Што те мотивираше во текот на учењето?
Очекувањата и предизвиците беа големи, но ме мотивираше тоа што знаев што следува доколку го сфатам ова сериозно. Целата група и менторот беа одлични и се мотивиравме еден со друг.
Кои се некои карактерни особини кои треба да ги поседува еден успешен програмер?
Се повеќе луѓе се одлучуваат за промена на кариера во оваа област. Новата дефиниција за успешен програмер би била дека треба да биде полимат, односно личност со познавање на голем број области. Но сепак, за да успее еден програмер мора да е упорен. Треба да е спремен да одвои многу време за да се запознае со тоа што треба да се работи и да стекне искуство за тоа. Креативноста е дополнителна особина.
Кој е твојот омилен дел од предавањата на Академијата?
Интересно е кога веќе почнуваш пред себе да го гледаш финалниот продукт. Кога се впушташ во нешто непознато, незнаеш што да очекуваш, но после одредено време почнуваш да разбираш и станува многу интересно.
Кои се некои предности кои ги доби од Академијата што не си ги добил од друго место?
Дефинитивно насока. Добив правец за како да размислувам, како да го истражувам тоа што ми треба, на страна од тоа што ќе го научиш. Тоа е нешто што не се плаќа. Многу голем дел од програмирањето е гуглање. Тоа е разликата меѓу професионалец и почетник. Професионалец знае да гугла.
Што се случува во твојот живот по завршувањето на Академијата?
Моментално сум на пракса во Distant Point како веб девелопер, скоро завршува договорот на еден месец па очекувам добри вести за понатамошна работа. Сѐуште вежбам. Колегите се супер, веќе има неколку луѓе од Code Academy, се дружиме со Стефан Дамчевски и Бојан Ковачевски. Сега за сега е супер.
Што би сакал да програмираш?
Сега сум фокусиран само на напредок и истражување. Многу работи и информации ми се собрани и сакам да се надоградувам. Можеби едноставни апликации кои ќе го олеснуваат секојдневниот живот. Тоа ми е останато од мојата креативна машинска позадина.
Do’s & Don’t’s за некој што сака да почне да програмира.
Do’s. Да се вежба. Има многу страни на Интернет на кои може да вежбаш, Edabit е таква страна која ја користев. Без вежбање нема многу напредок.
Don’t’s. Не се откажувај! Направив кратка пауза од еден месец по завршувањето на Академијата и тоа беше голема грешка, како да заборавив сѐ што сме учеле и требаше да почнам од ново. Никогаш не престанувај со вежбање.
Каде се гледаш за 10 години?
Се гледам како тим лидер на некоја голема ИТ компанија во која ќе работиме на секакви различни проекти. Можеби и моја IT компанија еден ден. :)
Ако програмирањето е нешто што ве интресира, не се двоумете да почнете!
Пријави се на нашата email листа за да бидеш во тек